По вандализмот во најголемото Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“-Штип, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска најави дека во сите училишта освен што има видео надзор ќе бидат поставени и алармни системи, со цел да дополнително да се превенира против ваквите девијатни појави. Во ова училиште беа уништени смрт табли, компјутери, надгледни средства, а имало обид и да се поплави еден од катовите.
-Видео надзор имаме на сите образовни институции, но дополнително за да се превенира и да се полесно идентификува и лоцира проблемот потребно е да бидат лоцирани алармни системи кои ќе сигнализираат и ќе овозможат да се спречи во иднина девијантна појава како што имавме во ООУ„Ванчо Прке”- вели Јорданов.
Тој најави дека против ваквите вандалски појави низ градот ќе се постават и 190 безбедносни камери, а ќе бидат поставени пред институции, низ централното градско подрачје, пред училиштата и градинките, како и низ парковите.
-Тоа што го планираме е и на јавните површини, на голем дел од пристапите до самите институции ќе се постват безбедносни камери кои верувам дека ќе служат на СВР-Штип, кога имаме ваков инцидент за полесно да се утврди сторителот и да се санкционира – изјави градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Zа да се подигне свеста кај малолетниците за одговорно однесување, во наредниот период покрај техничките мерки, ќе се организираат обуки и работилници со родителите, наставниците, учениците. Целта е психолози и педагози да разговараат со сите, но ќе зборуваат и за последиците од девијантното однесување и како тоа може да влијае врз нивниот живот.
Инаку, како што претходно информиравме штетите во училиштето „Ванчо Прќе“ се санирани и ова е прв ваков упад во едно штипско училиште. (МИА)
