Херојството на Украинскиот народ е инспирација за целиот слободен свет порача денеска од Киев, претседателот на Соединетите американски држави, Џо Бајден, додавајќи дека неговата ненајавена посета е уште една потврда за силната и непоколеблива американска поддршка за демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Неколку дена пред одбележувањето на првата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, Бајден потврди дека многумина стравувале дека Киев ќе падне за неколку дена пред бруталните напади.
Таа мрачна ноќ пред една година, светот буквално во тие мигови се подготвуваше за падот на Киев. Се чини како да помина многу подолго од една година, но потсетете се на тоа време. Се стравуваше и за крајот на Украина. Знаете, една година подоцна, Киев се уште е тука. Украина исто така. Демократијата е тука. Американците се со вас и светот е со вас, изјави Бајден.
Вашата денешна посета и разговорите кои ги имавме не носат уште еден чекор поблиску до заедничката победа во оваа војна, му се обрати на Бајден, Украинскиот лидер, Володимир Зеленски по разговорите кои ги имаше со него, најпрвин во четири очи а потоа и со дипломатско – воените делегации на двете земји.
Можеме и мораме да направиме се што треба со цел 2023-та да биде година на победата. Сакам да подвлечам дека оваа непровоцирана и криминална руска војна против Украина, цела Европа и целиот демократски свет мора да заврши со ослободување на Украинската територија од руската окупација, со цврсти гаранции за долгорочна безбедност на нашата земја, Европа и целиот свет, изјави Зеленски.
Американскиот претседател денеска најави нов пакет помош за воени цели во износ од 500-тини милиони долари. Според информациите од Белата куќа, станува збор за артилериски проектили, анти-тенковски системи, како и радари за против-воздушна одбрана, критично значајни за одбрана од руските ракетни напади и руската авијација.
Вашингтон досега ја исклучуваше можноста да ја снабди Украина со борбени авиони Ф-16, едно од барањата на Зеленски.
Досега, Соединетите американски држави и доделија воена помош на Украина во износ од 30 милијарди долари, убедливо најмногу од сите Западни сојузници а нема никакви навестувања дека таа помош би можела да запре.
САД и НАТО предвидуваат дека конечниот исход на војната во голема мерка ќе биде определен од очекуваните и најавувани големи пролетни офанзиви на двете страни.
Досега, најжестоките борби се водат за контрола на регионот околу градот Бахмут, каде ситуацијата за украинските бранители е се потешка, под жестоките напади на руската армија и платениците од групата Вагнер.