Но македонската мисла сè уште е оптоварена со сеќавањата на внатрешниот судир при „Шарената револуција“ и одбива да излезе од тогаш ископаните ровови. Јас тука јавно кажувам дека воопшто не се осврнувам на целиот отров и на сите претешки зборови упатени кон мене во тој период. Секој од нас има длабоки спомени од тие славни и неславни денови. Сепак, доста беше! „Патриотите“ се бореа за зачувување на Македонија, а „шарените“ се бореа за демократија. И едната и другата борба беше благородна и беше праведна. Но таа војна е одамна завршена, а изгубија и двете страни. Победи Заев, кој ја сотре Македонија и целосно ја укина демократијата во земјата.

Време е повторно да се сретнеме, па заеднички да го дигнеме бајракот на борбата за Македонија и за обнова на демократијата во Македонија. Време е повторно да ги освоиме македонските интелектуални и културни институции, па да ги исполниме со содржина, да им дадеме нов живот, нова полнокрвност, која ќе се изнедри од борбата за Македонија и од борбата за демократија. Време е националните институции повторно да ги помакедончиме и да ги демократизираме.

Јас подавам рака и излегувам од ровот …