На митингот во Долнени, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека претстојните локални избори претставуваат можност граѓаните не само да зборуваат за секојдневните проблеми, туку и да испратат јасна политичка порака за иднината на државата.

Тој посочи дека локалните избори секогаш се поврзани со реални, конкретни прашања – како инфраструктура, паркови, училишта и градинки – но овојпат, според него, граѓаните имаат избор меѓу две целосно различни политички визии.

„На овие избори имаме две опции, две понуди. Едната е коалицијата која е создадена на основа на непринципиелни релации од коалиционите партнери, врз основа на слепата желба за власт, слепата желба за привилегии, но истовремено главната точка на поврзување на овие политички партии во таа коалиција е гневот и омразата кои тие ги имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата меѓу СДСМ, ДУИ и Левица. Венко Филипче, Али Ахмети и Димче Апасиев се осојузиле поради слепата желба за власт и гневот и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

Како спротивставена опција, тој ја претстави коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, за која рече дека има програма заснована на работа, развој и непосреден контакт со народот.

„Тоа се опциите, нема трета опција. Секој кој мисли дека има трета опција, се лаже. Трета опција не постои. Првата е коалиција да се вратиме назад во време кога народот се ограбуваше, кога државата се распродаваше или втората коалиција на ВМРО-ДПМНЕ која живее заедно со народот, за иднината на Македонија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.