Штрајкот во детските градинки е ставен во мирување и воспитно-згрижувачкиот процес во градинките денеска се одвива редовно. На работните места и извршувањето на работните задачи се вратиле вработените во градинките кои претходно беа приклучени на штрајкот, информираат од Министерството за труд и социјална политика за МИА.

Од МТСП појаснуваат дека и во период на штрајкот градинките ги згрижуваа децата, за што беа задолжени вработените кои не штрајкуваа. Сега, велат од Министерството, сите се вреатени на работните места и процесот се одвива како пред почетокот на штрајкот.

Вчера претседателот на СОНК, Јаким Неделков по состанокот на Советот на Синдикатот. информираше дека штрајкот во основните и средните училишта продолжува, но најави дека штрајкот во градинките ќе биде ставен во мирување и оти тие од денеска ќе продолжат со редовно работење.

Ден претходно, во понеделникот, раководството на СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, по што вчера одлучуваше членството на Синдикатот, кое не го прифати предлогот.

Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите со минималната плата.