Двата одделни протести во центарот на Атина, организирани од Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и од Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, поддржани од низа федерации, работнички центри и синдикати, поминаа со силни барања за зголемување на стандардот. Демонстрантите носеа пароли со пораки како „Дајте пари за плати, здравство и образование, а не за војни“, „Штрајкуваме за достоинство во животот и на работните места“, „Да се стави крај на осиромашувањето“, „Вратете ги 13 и 14 плата“, „Работни места и зголемувања на платите, а не војни“ и „Не за распаѓањето на јавното образование“.

Протестите, со учество на вработените во јавниот сектор, просветните и здравствените работници, студентите и учениците, завршија мирно и без инциденти. Според официјалните проценки на грчката полиција, на улиците излегоа околу 15.000 лица.

Со оглед на тоа што денешниот штрајк се совпадна со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, демонстрантите упатија порака и за заштита на жените и побараа конкретни мерки од државата.

Дел од демонстрантите истакнаа дека работниците најдобро ги познаваат сопствените потреби и затоа бараат исполнување на барањата и подобри услови во низа области. Вработена во атинска државна болница посочи дека актуелната грчка Влада сериозно го загрозува јавниот сектор и побара институциите да им служат на граѓаните.

„Бараме оваа Влада да падне. Сметаме дека станува збор за Влада која е одговорна за смртни случаи, особено во болниците во кои работиме, поради кратењата на средствата. Денеска е и Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. Затоа, ова е двојно значаен ден. Социјалната заштита е уништена, како и јавните установи, детските градинки и училиштата“, посочи таа.

Вработените во државниот сектор бараат зголемување на платите, нови вработувања и државата да издвојува средства за потребите на граѓаните, наместо за воени цели.

„Сега се подготвува буџет со кој ќе се издвојат уште повеќе пари за воените трошоци“, посочува вработен во државниот сектор.

Музичари, членови на Грчкото музичко здружение, на протестот дојдоа со своите инструменти и пред грчкиот Парламент изведоа неколку композиции. Во протестот учествуваа и анархистите со свој посебен блок на крајот од поворката, придружувани од силно полициско обезбедување за да се спречат можни инциденти. На собирот беа истакнати и палестински знамиња, при што се бараше поддршка и слобода за палестинскиот народ.

Протестите во Атина и во останатите грчки градови се организираа во рамките на 24-часовниот штрајк на јавниот сектор. Поради штрајкот, бродовите и траектите останаа закотвени на пристаништата, а јавниот превоз во Атина функционираше со прекини бидејќи метрото и трамваите сообраќаа само од 9 до 18 часот. Воздушниот сообраќај се одвиваше непречено откако штрајкот на контролорите на летање беше прогласен за незаконски од Основниот суд во Атина. Бидејќи Синдикатот на вработени во приватниот сектор (ГСЕЕ) не учествуваше, штрајкот немаше генерален карактер, а нов голем синдикален протест се најавува за средината на декември при гласањето на буџетот за 2027 година.