Шукова со реакција на изјавата на Ѓорѓиевски
Кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, ги демантираше наводите на противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, дека се понудила да биде директорка на ЈП „Комунална хигиена“ во случај тој да победи на изборите.
„Јас сум тука да победам“
На директно новинарско прашање дали би ја прифатила понудата за директорска позиција, Шукова изјави:
„Не сум размислувала на таа тема, јас имам сега друга работна задача. Јас сум тука да победам, да им дадам на граѓаните можност да имаме убаво, современо, чисто и зелено Скопје“.
Изјавата на Ѓорѓиевски
Орце Ѓорѓиевски вчера изјави дека секоја добра идеја од противкандидатите ќе биде земена предвид. „Горан Марковски ќе биде вклучен после изборите како дел од моите советници доколку би прифатил таква работа да помогне во однос на проектите што треба да се реализираат. Каја Шукова, мислам самата се понуди за директор на „Комунална хигиена“. Може ќе спроведеме постапка – интервју. Ако се покаже дека е најдобар кандидат, можеби ќе биде поставена за директор“, рече тој.