За разлика од многу земји, Швајцарија има помал раст на цените и добро се справи со инфлацијата.
Стапката на инфлација во државата минатата година изнесуваше 3,5 отсто и е највисока во последните 29 години. Но, таа е доста пониска стапка на инфлација отколку во САД (9,1 отсто), Велика Британија (11,1 отсто) и еврозоната (10,6 отсто).
Како што објави CNBC, Швајцарците трошат помалку од својот приход на потреби како храна, сместување и друго.
„Со оглед на тоа што луѓето се во просек прилично богати, трошоците за храна во вкупните трошоци на домаќинствата не се толку високи како што може да бидат во другите земји. Се разбира, нееднаквоста постои. Но, од меѓународна перспектива, мислам дека имаме функционална социјална политика“, рече професорот по економска историја на Универзитетот во Цирих, Тобијас Страуман.
Друга причина зошто стапката на инфлација во Швајцарија е ниска е силната домашна валута. Франкот зајакнува, неговата вредност е еднаква на вредноста на еврото. Од друга страна, вредноста на многу други валути се намалува. За разлика од некои други европски земји, Швајцарија помалку се потпира на увезена нафта и гас. Швајцарија има строга контрола на цените на стоките и услугите.
Цените на гасот во Европа паднаа во февруари на најниско ниво во последните 18 месеци, но цените на храната продолжуваат да растат.
Цените на храната во Европската унија во јануари пораснале во просек за 18,4 отсто во споредба со пред една година. Унгарија стана „шампион“ во поскапувањата на храната (48,2 отсто), потоа Литванија (32 отсто) и Словачка (28,6 отсто). Најмал раст на цените на храната е забележан во Швајцарија (5,8 отсто) и Кипар (10,3 отсто).