Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека одредени компании имаат корист од цените на енергијата како резултат на санкциите против Русија.

Имено, големите енергетски компании забележаа рекордно високи профити ширум светот, пренесува агенцијата МТИ.

„Американските компании доставуваат гас во Европа по многу повисока цена отколку што наплаќаат дома, што значи дека профитот што произлегува од санкциите го плаќаат главно европските компании и луѓето во Европа“, додаде тој на седницата на унгарскиот парламент.

Тој повтори дека се уште е против антируските санкции на Европската унија, особено во енергетскиот сектор. Тој потсети дека ограничувањата за снабдување со гориво предизвикаа драматично зголемување на цените и дека потрошувачката на енергетски производи во Унгарија се зголеми за десет милијарди евра во 2022 година.

„Брисел ги зеде овие пари од џебовите на Унгарците со санкции“, додаде тој.

Премиерот на Унгарија експлозијата на Северен тек ја нарече „терористички чин“, додавајќи дека Унгарија и Србија јасно ставиле до знаење дека ако тоа се случи во случајот со Јужен тек, „нема да се извлечат“.

Унгарската влада е загрижена за испораката на оружје за Украина и стравува дека некои од земјите на ЕУ би можеле да испратат свои војници таму, рече Орбан, изразувајќи загриженост дека „цела Европа се лизга во војна чекор по чекор“, додека земјите од ЕУ испраќаат тенкови до Украина и гледаат да ја снабдуваат со борбени авиони.

Орбан истакна дека неговата влада инсистира на решавање на украинскиот конфликт со мирни средства и ги повика пратениците да се залагаат за овој став.

„Тие сакаат да не вовлечат во оваа војна, но ве повикувам да не се предавате на провокации“, рече Орбан.