Билатералните односи имаат потенцијал за посилен економски развој
Швајцарија претставува еден од најважните партнери на Македонија во развојната соработка, а постои простор односите дополнително да се зајакнат, особено во економијата и трговијата, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Швајцарската конфедерација Ги Пармелан.
На средбата се разговарало за унапредување на соработката, економските можности и идните заеднички предизвици. Биле вклучени и претставници од Владата и бизнис-секторот.
Мицкоски нагласи дека очекува односите да достигнат повисоко ниво во периодот што следи.
„Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и сето она коешто не поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот којшто следува. Убеден сум дека во периодот којшто следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, посебно во делот на економската соработка и трговската размена“, изјави Мицкоски.
Се отвора швајцарска комора и се зајакнува присуството во земјата
Претседателот на Швајцарската конфедерација Ги Пармелан истакна дека Швајцарија останува посветена на продлабочување на соработката со Македонија, со фокус на економијата, инвестициите и регионалната стабилност.
Тој посочи дека двете држави имаат долгорочна соработка и нагласи дека ќе продолжи билатералниот развој.
„Дојдени сме тука да продолжиме да соработуваме и да ги продолжиме сите наши билатерални односи“, изјави Пармелан.
Тој најави и нова економска иницијатива.
„Во текот на оваа моја посета, најважно е да се потенцира дека во Македонија, од страна на Швајцарија, ќе се отвора комора“, рече Пармелан.
Според него, во Македонија веќе се присутни повеќе од 100 швајцарски компании.
Дијаспората и инвестициите како мост меѓу двете држави
Пармелан ја истакна и улогата на македонската заедница во Швајцарија, како важен фактор за поврзување на двете земји. Тој наведе дека има над 100 илјади Македонци во Швајцарија, од кои околу 40 илјади имаат државјанство.
Во однос на економијата, Пармелан посочи дека Швајцарија носи технологија и иновации, додека Македонија придонесува со работна сила и човечки потенцијал. Тој додаде дека сигурноста и правната стабилност се клучни за странските инвестиции, и потврди поддршка за европскиот пат на земјата.
