Фудбалската репрезентација на Македонија одигра рамноправни и квалитетни 45 минути на гостувањето против фаворизираната Швајцарија, но на полувремето замина со негатива од 1-0 во Луцерн. И покрај добрата игра на избраниците на селекторот Гоце Седлоски, една невнимателност во дефанзивната линија беше доволна противникот да дојде до водство.

Кобниот момент на средбата се случи во самиот финиш на првиот дел, поточно во 43. минута. Езџан Алиоски ја врати топката наназад кон Висар Муслиу, кој не забележа дека веднаш зад него се наоѓа Фабијан Ридер. Швајцарскиот фудбалер навремено ја пресече топката и рутински го совлада голманот Столе Димитриевски за предност од 1-0.

Пред примениот погодок, македонската селекција пропушти колосална прилика за отворање на резултатот. По прецизниот центаршут на Елиф Елмас, Андреј Стојчевски остана сосема осамен на само пет метри од противничкиот гол, но неговиот обид со глава заврши на само неколку сантиметри над рамката од голот.