Шведската Влада денеска ги предупреди домаќинствата и деловните субјекти да се подготват за можни прекини на струја оваа зима поради исклучување на нуклеарните реактори, студеното време и недостигот на енергија во Европа, откако Русија го прекина снабдувањето со гас.

– Ризикот од исклучување е реален и Швеѓаните мора да се подготват за тоа, нагласи министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин на прес-конференција. – Шведска никогаш претходно не била во ваква ситуација, додаде тој.

Шведската Влада претходно овој месец ги повика луѓето да трошат помалку електрична енергија.

-Плановите за вонредни состојби мора да ја имаат предвид можноста за кратки, но и долги прекини во снабдувањето со електрична енергија кога струјата нема да се обнови според планираното, рече министерот.

Официјалните препораки вклучуваат радио и светилки на батерии, флаширана вода и храна што лесно се приготвува.

Во случај на прекин на струја, домаќинствата треба да одредат просторија во која ќе престојува семејството за да се зачува топлината, рече министерот. – Подобро е да се биде подготвен отколку не. Ова не е обид да се создаде паника, потенцира Болин.

Шведската комунална компанија Vattenfall на 2 декември соопшти дека го одложила стартувањето на својот нуклеарен реактор Рингхалс 4 до 23 февруари.

Шведската Влада минатата недела објави дека побарала од националниот оператор на електричната мрежа во земјата и енергетскиот регулатор да ја интензивираат својата работа за зајакнување на безбедноста на снабдувањето со електрична енергија и на краток и на долг рок.