Тунелот Катланово денеска во периодот од 9:20 до 15:20 часот ќе остане целосно без електрично напојување. Причината за овој шестчасовен прекин се планирани зафати на електродистрибутивната мрежа.
На 10-киловолтниот далекувод што води кон тунелот, поточно од страната на селото Бадар, ќе се реализира замена на постоечки дрвен столб со нов бетонски столб. Овој планиран прекин на снабдувањето се однесува исклучиво на тунелот Катланово, додека сите околни населени места ќе имаат непречено и редовно снабдување со струја.
Сообраќајот на останатите државни патишта низ земјата се одвива непречено, но по претежно влажни коловози. Намалена видливост поради густа магла до 100 метри е евидентирана на патниот правец Куманово – Страцин, соопштија од Јавното претпријатие „Македонијапат“.
На одделни патни правци што поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони на коловозот. Надлежните апелираат до сите возачи на крајно внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и задолжително приспособување на брзината кон условите на патот.
