Во лабораторија во селото Медикон, еден од најголемите научни паркови на југот на Шведска, хемичарката Ингемо Андерсон во раката држи тенок пластичен инхалатор, голем како половина кибрит.

Нејзиниот тим се надева дека тој мал производ би можел да одигра голема улога во глобалната борба против пандемијата на коронавирусот, овозможувајќи им на луѓето во иднина вакцините да ги примаат дома.

– Лесно и навистина евтино се произведуваат. Отстранувате мало пластично ливче. Потоа се активира инхалаторот со вакцината. Само го ставате во уста и потоа длабоко вдишувате, вели Јохан Ваборг, извршен директор на компанијата која обично произведува инхалатори за пациенти со астма.

Компанијата Иконово соработува со стартап кој се бави со имунолошки производи во Стокхолм, ИСР, кој развива вакцина против ковид-19 во облик на прашок.

Користи лабораториски произведени протеини на вирусот ковид-19, за разлика од Фајзер, Модерна и Астразенека, кои за кодирањето користат РНК или ДНК, пишува Би-би-си.

Правот може да се чува на температура до 40 Целзиусови степени, што е голема предност наспроти досега достапните вакцини кои ги одобри Светската здравствена организација (СЗО), а кои мора да се чуваат во стаклени шишенца на температури пониски од -70 степени, пред да се пренесат во ладилници.

Компанијата во моментов ги тестира своите вакцини на бета (јужноафриканскиот) и алфа (британскиот) сој на ковид-19. Смета дека нивната вакцина би била особено ефикасна во Африка, каде во моментов нема домашни вакцини, а потоплата клима и ограниченото снабдување со електрична енергија се покажаа како проблематични во смисла на чувањето и испораката на вакцините против ковид.

Сè уште треба да помине периодот на истражувања за да се утврди дали ИСР вакцината може да пружи еднаква заштита како вакцините одобрени од СЗО.