Работната група на српското Министерство за здравство за справување со состојбите од пандемијата на Ковид донесе препораки за постапување на ниво на примарната здравствена заштита и болничките установи, а една од нив е задолжителното носење заштитни маски во сите здравствени установи, јави дописникот на МИА од Белград.

– Се одредува задолжително тестирање на Ковид на сите вработени во здравствените установи доколку имаат симптоми на акутна респираторна инфекција и нивна задолжителна контрола и тестирање по утврдена инфекција, се наведува во соопштението на институтот „Батут“.

Во него се додава дека на ниво на болнички установи, задолжително е тестирањето на пациентите како услов за хоспитализација, потребно е тестирање за прием на хематолошки и онколошки одделенија, како и геријатриски одделенија и одделенија каде се лекуваат пациенти со примарна и тешка имунодефициенција.

Воведена е и забрана за посета на болници кои се во надлежност на Комисијата за превенција на болнички инфекции.

Комисиите за превенција од болнички инфекции во здравствените установи се должни во наредните седум дена да направат проценка на епидемиолошката состојба и да предложат мерки, како и редовно да ја следат епидемиолошката состојба.

Во однос на болничките капацитети за сместување на хоспитализирани пациенти болни од Ковид, Работната група зазеде став дека засега не е потребно нивно дополнително проширување.

Во Србија за само три недели, бројот на заразени со корона вирусот е тројно зголемен, а според епидемиолози, реалната бројка е 10-20 пати поголема, бидејќи заболените малку одат на лекар, а уште поретко се тестираат за Ковид – 19.

Според последните официјални податоци, за една недела во Србија имаше 1.529 нови случаи, што е на ниво на статистичка грешка ако се знае дека на почетокот на 2022 година имало речиси 20.000 нови случаи на дневна основа.