Тајно снименото видео ја раскажува приказната за наводен шпионски круг на работа во главниот град на Бугарија. Снимките, направени од бугарски истражители, беа објавени во петокот кога обвинителството обвини шестмина Бугари, од кои неколкумина се високи или поранешни функционери во одбраната, под сомнение дека шпионирале во корист на Русија.

Обвинителите, исто така, наведуваат дека групата „претставува сериозна закана за националната безбедност на земјата со собирање и пренесување на државни тајни од Бугарија, НАТО и Европската унија“. Според обвинителите, неодамна отворениот поморски центар за координација на НАТО во Варна, на бугарскиот брег на Црното Море, бил од посебен интерес за шпионите.

Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, ја опиша шпионажата како „неспоредлива со ништо друго од 1944 година до денеска “.

Си-Ен-Ен не пропушти да го коментира отворениот бугарски русофил Николај Малинов, кој доби поддршка од луѓе блиски до Кремљ како претседател на една од проруските организации во Бугарија – Националното русофилско движење, а денеска е лидер на партијата „Преродба на татковината“. Малинов беше обвинет од бугарските обвинители во 2019 година за шпионирање за Русија и перење пари.