Поднесени се кривични пријави против двајца жители на Дебар кои опустошиле дел од боровата шума покрај брегот на Дебарско Езеро, земјиштето го узурпирале и почнале бесправно да градат.

-Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична против О.Ј.(60) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“, „бесправно градење“ и „пустошење шуми“. Тој, во текот на 2021 година, извршил узурпација на локација во државна сопственост, во месноста „Шпилска населба“ на брегот на Дебарското Езеро, бесправно пресекол 200 стебла борова шума и неовластено изградил објект од тврд материјал, информраше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Според него О.Ј. се стекнал со противправна имотна корист од 215.360 денари.

– По истиот основ, ОВР Дебар поднесе кривична пријава и против Б.И.(54) од Дебар кој, во месноста „Борова шума“ на брегот на Дебарското Езеро, неовластено пресекол борови дрвја и присвоил државно земјиште каде, нелегално изградил објект за домување, посочува Димоски.

Вчера кривична прјава беше поднесена против Ф.К.(63) од Дебар кој на стиот терен покрај езерото, бесправно пресекол 200 стебла борова шума и неовластено изградил три објекти од тврд материјал и се стекнал со противправна имотна корист од 241.100 денари

Делот со борова шума е еден од најубавите делови покрај езерото, што во доброволни акции ја засадија дебарски гимназијалци пред неколку децении.

Поради опустошувањето на боровите насади се поголем е револтот на дебрани, посебно на оние кои ги засадиле боровите дрвја и како што велат власта мора да стави крај на оваа појава.