Сигурен и стабилен Балкан е приоритет – Мисајловски со порака по средбата со командантот на КФОР
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска порача дека сигурен и стабилен Балкан е приоритет за Македонија и регионот. На средбата со командантот на НАТО мисијата КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, тој истакна дека оваа мисија има клучна улога во одржувањето на стабилноста и безбедноста на Косово и пошироко.
– Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина, рече Мисајловски.
Тој дополнително истакна дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, Македонија ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот. Мисајловски му се заблагодари на генерал Бардуани за „одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија“, имајќи предвид дека неговиот мандат наскоро завршува.
Генералот Бардуани ја пофали посветеноста на македонските војници:
„Секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Благодарни сме за континуираниот придонес на вашата држава во мисијата КФОР и ја нагласуваме важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот“.
За време на посетата, генерал Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија придонесува во мисијата КФОР од 2020 година, обезбедувајќи значаен придонес за регионалната безбедност.