Единствениот ефикасен начин да се запре илегалната миграција е подигнување на гранични огради, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на заедничката прес-конференција со летонскиот колега Едгарс Ринкевич.
Тој додаде дека е апсурдно што Европската унија се уште не покажува волја да ја финансира изградбата на границата во Унгарија, пренесе агенцијата МТИ.
Сијарто тврди дека притисокот врз ЕУ кој доаѓа од југ, југоисток и исток е „без преседан“.
Сега Летонија, Литванија и Полска се соочуваат со истите проблеми како Унгарија од 2015 година, вели Сијарто.
Без огради, смета тој, нема полиција или воена сила која би можела да заштити стотици километри од границата.
Тешко е да се разбере зошто Европската комисија финансира се што ја интензивира миграцијата, наместо да најде начин да ја потисне. Се однесуваат како да не се од оваа планета, блокирајќи ја поддршката на државите кои сакаат да ја кренат оградата, нагласи унгарскиот министер.
Сијарто ја повика ЕУ да се откаже од напорите насочени кон промена на составот на населението во Европа.