Забраната за увоз на руска нафта предложена од Европската Унија не вклучува механизми за споделување товар и заеднички набавки од други извори, изјави денеска чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела.

– Предлогот не ни покажува како дефицитот, што ќе го создаде ембарго, ќе биде правично распределен меѓу членките, ниту пак го скицира механизмот на заедничка набавка и заедничка распределба. Сè уште го проучуваме, но тоа е проблематично за мене, истакна Сикела.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Европскиот парламент, претставувајќи го новиот пакет санкции против Русија истакна дека ЕУ постепено ќе ја исклучува руската нафта и деривати од пазарот во следните шест месеци.