Никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ има право на своја историја. Имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање по повод 2 Август – Илинден, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје.
Претседателката нагласи дека Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава. Истакна АСНОМ е длабоко осмислен демократски државотворен чин, историски инспириран од традициите на Француската револуција и на Илинденското востание.
-Старите илинденци, Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и на илинденските херои. Владимир Полежиновски, млад доктор по право од Сорбона, го вдахнал духот на Француската револуција од 1789 година, со којшто бил задоен, во „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“, по примерот на француската „Декларација за правата на човекот и граѓанинот“. Токму затоа, асномските државотворни документи се концептуално поблиски до западните демократски и либерални традиции, отколку до источните, догматски советски решенија, рече претседателката.
Харизматичниот народен трибун, Методија Андонов-Ченто пак, истакна таа, кому му се поклонуваме денеска, го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ. Истото стана составен дел на основачките документи на Организацијата на обединетите нации, но и на уставите на членките на Југословенската Федерација, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија од 1974.
-Впрочем, на него се повикавме пред 35 години, кога на 8 септември 1991 година, тука, на овој плоштад, прогласивме слободна, суверена и самостојна република, врз основа на резултатите од демократски спроведениот референдум. Да потсетам, исто така, дека партизаните и асномците го вградија антифашизмот како суштинска и трајна македонска определба и еден од темелите на македонската држава. Нашата народноослободителна борба беше епохално, автентично дело, а слободата не ни беше подарена од некој друг, туку сами се ослободивме со нашата 120.000 бројна народноослободителна војска. Значи, никому не му должиме за тешко изборената држава, рече претседателката.
Токму затоа, потенцира Сиљановска Давкова, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ има право на своја историја. Имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република.
-За жал, набргу, по нашата најголема историска победа, мнозина основоположници на народната македонска држава беа отстранети од политичката сцена. Мојата генерација многу доцна дозна за Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и малку знаеше за неговата судбина и за судбината на неговите истомисленици. Многу подоцна, дознавме за ликот и за делото на Методија Андонов-Ченто, којшто бил прогонуван, затворан и казнуван, но сепак одолеал на искушенијата и опстоил на цврстите македонски убедувања за време на окупаторските режими, рече таа.
Претседателката посочи дека тука лежи причината за неговиот огромен углед меѓу народот и предлогот на Кузман Јосифовски-Питу активно да се вклучи во македонската Народноослободителна и антифашистичка војна, најпрво како член на Главниот штаб и претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, потем како делегат на АВНОЈ и конечно, како носител на една од највисоките функции, претседател на Президиумот на АСНОМ.
-Неговиот потпис стои на државотворните одлуки и решенија со коишто АСНОМ бил утврден како врховно законодавно и извршно тело, за заведување на македонскиот јазик како службен јазик, за прогласување на Илинден за народен државен празник, за формирање на државните институции и органи, како и на многу други важни одлуки. Многупати сум се прашувала како се случи овој македонски горостас да биде не само отстранет од политиката, туку и избришан од историјата? Денес сигурно знаеме дека со својата принципиелност, конзистентност и доследност, тој стекнал некои непријатели меѓу моќните носители на власта, за жал, негови довчерашни соборци, рече претседателката.
Таа во своето обраќање потсети дека со монтиран судски процес, нему му е судено и пресудено за ставови и идеи коишто се идентични со одлуките на првото заседание на АСНОМ.
-Прашувам: Може ли Ченто да биде кривично одговорен пред македонскиот народен суд за идеите на АСНОМ? Се разбира – не. Но, владејачката политичка номенклатура и зависното комунистичко судство му пресудиле со партиска пресуда, а не според Уставот и законите. На 6 февруари 1956 година, пред 70 години, Ченто забележал: „едно треба да знаете, кога беше Француската револуција сите големи загинаа и еден филозоф рекол – Револуцијата ги јаде сопствените деца“. И тоа, први жртви се најдобрите, најспособните. Си велам: Каква ќе ни беше државата ако најдобрите останеа и беа на нејзиното кормило? Тие, бездруго ќе се опкружеа со слични на себеси, посочи претседателката.
Таа на крајот од своето обраќање ги цитираше зборовите на Ченто од Третото заседание на АСНОМ.
-Обраќајќи се на Третото заседание на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто рекол: „Служејќи за доброто на нашиот народ, ние служиме за доброто на државата. Това което народот ни го е дал ние треба да го оствариме за вечни времиња. Само така можеме да одиме напред во прогрес…“. Неговите зборови се моја и наша должност. Да ни е за многу години Илинден! Да ни е вековита македонската република! – заклучи претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето по повод 2 Август Илинден
