Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на Свечената академија „30 години Општина Вевчани“, откри дека и денес го чува својот вевчански пасош и дека Вевчани за неа има посебно значење поради својот бунтовен дух, традиција и историја.

„Напати велам дека имам двојно државјанство, не само македонско, туку и вевчанско, а вевчанскиот пасош сè уште го чувам, небаре горда вевчанка“, напиша Сиљановска-Давкова.

Таа Вевчани го опиша како синоним за Република, место со сопствен дух, карактер и традиција, а потсети и дека уште во 1990-тите јавно го поддржувала барањето Вевчани да биде самостојна општина. Како членка на вевчанската Академија за убави уметности, како што наведе, говорела, пишувала и аргументирала во прилог на тоа барање.

Сиљановска-Давкова се осврна и на Вевчанските настани од август 1987 година, кога жителите се спротивставиле на зафаќањето вода од Вевчанските Извори. Полициската интервенција на 7 август тогаш довела до судири, апсења и повредени, а настаните подоцна станале еден од симболите на граѓанскиот отпор во последните години на југословенскиот социјализам.

„Има ли нешто поважно од тоа да се зачува место што е синоним за Виа Игнација, за бунтовност, за отпор, за себепочит и за немирен дух којшто создава, критикува и опстојува, пренесувајќи ги тие вредности од генерација на генерација?“

Претседателката им се заблагодари на вевчанци за нивниот придонес во развојот на општината и им посака Вевчани и понатаму да остане „оригинално, оригинерно и автентично“.