На патниот правец Скопје – Тетово, во делот пред Карпалак, силниот ветер откорнал дрво кое паднало на патот, но истото веќе е целосно отстрането од сообраќајната лента. Во текот на ноќта и претпладнево се очекуваат и пообилни врнежи од дожд, особено во западните делови каде ќе наврнат над 15 литри на квадратен метар.

ЈП „Македонијапат“ информира дека силните воздушни струења на неколку патни правци оштетиле сообраќајна инфраструктура, при што евидентирани се паднати семафор, канделабра и повеќе стебла кои теренските екипи веднаш започнале да ги расчистуваат од коловозите со цел овозможување безбедно движење.

Поради појава на силен југозападен ветер на магистралниот правец А2 Гостивар – Стража – Кичево, во непосредна близина на клучката Гостивар биле урнати семафор и една канделабра, кои интервентните тимови на јавното претпријатие експресно ги подигнале од асфалтот. На истиот патен правец на повеќе одделни локации имало соборени дрва кои биле навремено исечени и тргнати од дежурните патни служби.

Проблеми со соборени стебла се забележани и долж регионалниот патен правец Р1206 Тетово – Скопје, каде екипите на јавното претпријатие во текот на вечерните часови интервенираат за целосно остранување на дрвата и целосна нормализација на сообраќајниот тек.

Надлежните институции упатуваат апел до сите возачи и учесници во сообраќајот за исклучително внимателно управување со возилата, строго прилагодување на брзината спрема теренските услови и доследно почитување на поставената патна сигнализација, со оглед на најавите од УХМР за удари на ветер со брзина над 80 километри на час.

Во Скопје времето се карактеризира со умерен до засилен ветер од променлив правец и натпросечно високи температури за овој период, проследени со локални врнежи од дожд во текот на ноќта.