Болка и гнев пред институциите – протестите ќе продолжат секоја сабота
Во Кочани денеска се одржа третиот протестен марш под мотото „Задоцнета реакција“. Протест во знак на револт поради трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа млади животи. Родителите на жртвите, придружени од граѓани, излегоа на улиците со едно барање – правда за нивните деца.
Истрагата за пожарот во Кочани во тек, МВР постапува по насоки на Обвинителството
Маршот започна во точно 12:05 од Паркот на Револуцијата. Продолжи по главните институции во градот – трговскиот центар, општинската зграда, Полициската станица, Судот и Обвинителството.
Обвинителството под критики – ослободени осомничени пред судска разврска
Родителите остро реагираа на одлуките на обвинителството. Критикуваа за ослободување на лица поврзани со трагедијата, кои биле под сомнение за соучесништво. „Нашите деца ги нема, но правда мора да има“, порача Јулија Златкова, мајка на едно од загинатите деца.
Таа истакна дека протестите нема да престанат сѐ додека не се утврди целосната одговорност за пожарот, посочувајќи на корупцијата, немарноста и нефункционалниот систем како главни виновници за загубените животи.
Институциите под притисок – родителите најавуваат континуиран надзор
Пред општинската зграда, в.д. градоначалникот Венко Крстевски изрази поддршка и нагласи дека барањето за правда е легитимно и мора да биде слушнато. Родителите најавија дека ќе ја следат секоја постапка на инспекциските служби и надлежните органи.
Обвинувања кон полицијата – пропусти во спасувачката акција
На протестот беа поставени и прашања за улогата на полицијата во кобната ноќ – зошто службениците биле пуштени дома и зошто не помогнале во спасувањето. Родителите и присутните обвинија дека рацијата во дискотеката била однапред најавена, што ја доведува во прашање нејзината ефикасност.
Продолжување на маршевите – „Ќе протестираме до последен здив“
Маршот заврши во Паркот на Револуцијата, каде семејствата со тага и солзи ги споменаа имињата и идните соништа на своите деца. Најавено е дека протестниот марш ќе се повторува секоја сабота, сѐ додека не биде исполнето едноставното, но исклучително важно барање – правда за трагедијата во „Пулс“.
Извор: Миа