Земјотрес со јачина од најмалку 5,4 степени според Рихтеровата скала го погоди северозападниот дел на Иран, а иранските државни медиуми објавија дека околу 580 лица се повредени.
„Во овој земјотрес досега се повредени околу 580 луѓе и за среќа никој не го загуби животот“, изјави Мохамад Хасан Нами, шеф на државната агенција за управување со кризи, а пренесе официјалната новинска агенција ИРНА.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на градот Хоја во провинцијата Западен Азербејџан. Земјотресот се случил на околу 11,6 километри од Хоја, на длабочина од 10 километри, соопшти Американскиот геолошки институт, со јачина од 5,7 степени.
Германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ) претходно соопшти дека земјотресот бил со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала и во близина на пограничната област на Ерменија, Азербејџан и Иран. Иранските медиуми јавија за јачина од 5,4 степени. Големи геолошки раседи го пробиваат Иран, кој беше погоден од неколку разорни земјотреси во последните неколку години.