„Првото прашање е за премиерот, на предлог на МОН, Владата формира Совет за унапредување на образованието со кој ќе претседава премиерот, а во него ќе влезат министрите Шаќири, Груби, Битиќи и Фатмир Бесими. Мене не ми е јасно како може да се објави ваква вест, а понатаму да пишува дека покрај нив индивидуално во Советот ќе влезат и претставници на сите релевантни образовни тела. По составот мене ова не ми личи на Совет за унапредување на образованието, туку на Совет за уназадување на образованието, зошто не може во ваков Совет да седат министри што воопшто немаат никаква врска со образованиот процес, ниту пак ако ги видиме се разбира нивните референци тие не би требало да седат таму. Но, моето прашање до Вас е зарем не ја научивте заевата лекција, европска лекција дадена од господинот Макрон и госпоѓата Меркел дека во тела за реформи како што се судски реформи или други, не е добро да седат министри, ниту премиери“, запраша Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на денешната седница за пратенички прашања.

Силјановска Давкова додаде дека Ковачевски наместо скок во место или Совет за уназадување, навистина би требало да направи Совет за унапредување на образованието бидејќи образовниот систем е во катастрофална состојба.

„Второто прашање е за иницијаторот на оваа иницијатива, министерот за образование и наука. Сведоци сме на сериозни обвиненија, за опасна фамилијаризација да не речам непотизам на многу универзитети. Ќе се согласите дека фамилијарните односи не се добар амбиент за натпревар и дека навистина треба да се проучи овој проблем. Имено, во Законот за високо образование во членот 125 став 6 се забранува сродство во права линија до било кој степен, и во странична до 4-ти степен. Го слушам премиерот како довикува, нека го прочита Законот за високо образование. Како ќе се справите со овој проблем“, го запраша пратеничката министерот за образование и наука.

Таа посочи дека нејзиното трето прашање се однесува за министерот за животна средина.

„Минатиот пат прашав, што стана со Законот за климатска акција кој што беше резултат на сериозна меѓународна студија. Меѓутоа не го видовме. Сега претпоставувам сите знаете дека од 6-ти до 18-ти ноември во Египет ќе се одржи Самитот за климатски промени, мене ме интересира кој ќе биде главниот адут на нашето министерство во поглед на исполнувањето на задачите врзани за климатската акција“, запраша Силјановска Давкова.