Директорот на скопски Водовод Марјанчо Митовски бил осуден за нанесување лесни телесни повреди со ладно оружје- нож во 1993-та година, по што бил осуден на парична казна од 20 илјади денари, а откако не платил, издржал 20 дена затвор, тврдат од Синдикатот кои денеска на новинарите ја поделија пресудата.

Синдикатот бара смена на директорот назначен од градоначалничката Данела Арсовска по нејзиното раскинување со ВМРО-ДПМНЕ. Директорот е обвинет од синдикатот дека малтретирал вработени, отпуштал и ги преместувал на несоодветни позиции неистомислениците, пишува Телма.

Крајниот рок за смена е денеска, а Митовски пак тврди дека против него се бунтуваат привилегирани вработени на Водовод кои земале големи плати за неработење, меѓу кои и сопругата на синдикалниот лидер Дарко Димовски од ССМ.

Токму Димовски денеска ја објави пресудата за директорот кој бил осуден затоа што на 11-ти септември 1993-та се степал со извесен В.М. во бифе „Кај Мишо“ на улица Тодор Чангов. Директорот Митовски тогаш со нож го повредил соперникот во пределот на лево уво и го удирал со клоци, додека трет гостин во бифето го гаѓал и исекол со стаклена чаша, пишуваат од Телевизија Телма.

Казната била парична, но потоа наводно Митовски не ја платил и бил во затвор на 20 дена. Директорот пак негира дека бил во затвор.

Бидејќи станува збор за стара пресуда за настан од пред 29 години, согласно правните документи, таа казна најверојатно е веќе избришана од судското досие на Митовски, но во полициската база на податоци, кривичниот настан не се брише никогаш, пишува Телма.