На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од позитивниот и континуиран развоен тренд на односите и соработката меѓу двете пријателски земји и заемната волја, готовност и посветеност за интензивирање и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.
„Евроинтеграциите се приоритет на обете земји, исто како и потребата од забрзување на овие процеси во периодот што следи. Проширувањето на Европската Унија е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси. Двете земји остануваат посветени на европскиот пат и се подготвени да соработуваат во насока на реализација на крајната и споделена цел – полноправно членство во Унијата“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека двете држави се сојузници во НАТО и имаат заедничка визија и посветеност за мир, стабилност и економски просперитет како на Регионот, така и во глобални рамки.
Амбасадорот Мејдани, во своето обраќање на церемонијата, истакна дека неговата мисија е неуморно да работи на издигнување на пријателството и соработката меѓу двете држави.
„Ние сме две нации кои ги обединува заедничката цел: да создадеме иднина на напредок, мир и иднина која ветува. Заедно го чекоревме патот на евроатлантската интеграција, спознавајќи дека нашите судбини се испреплетени. Заедно, можеме да создадеме светилник на стабилност и раст на Балканот, пример за она што е можно доколку единството и соработката го водат патот“, рече амбасадорот Мејдани.
Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Мејдани му посака успех во извршувањето на одговорната функција.