Државната делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска имаше средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Шеик Мохамед бин Зајед бин Султан Ал Нахјан. На средбата, како дел од делегацијата е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Како дел од делегацијата предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на маргините на Светскиот владин самит во Дубаи остваривме средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Sheikh Mohamed bin Zayed bin Sultan Al Nahyan. На средбата ја потврдивме одличната динамика на билатералните односи и разменивме мислења за можностите за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на продлабочувањето на политичкиот дијалог, економската соработка и инвестициите“, информираше Муцунски преку објава на социјалните мрежи.

Воедно, како што вели, бил изразен интерес за продлабочување на соработката преку заеднички иницијативи што ќе придонесат за натамошно зајакнување на билатералните односи и унапредување на партнерството меѓу двете држави.