– Кога зборуваме за државна и јавна администрација зборуваме како за бели јаки, заради стручноста. Администрацијата е костурот на државата. Но, шокирана сум не од поддршката што Заев ја доби од двајца министри, туку од консензусот со кој Стојко Пауновски е разрешен од функцијата директор. Но, иако е избран од Владата, нема хиерархија врз него од власта, бидејќи функционира како челник на инспекторат. Шокантно е над 95 проценти од вработените да стојат зад директорот, а тој да е разрешен затоа што пркоси на непочитување на законот и етиката од страна на Владата во поглед на наредба за примање на вработени кои со години седеле дома, а земале плата, затоа што без тоа нема добра пазарна инспекција, доколку нема соодветни кадри, рече Силјановска поставувајќи го прашањето.

Таа нагласи дека всушност Пауновски пркосел затоа што не прифакал несоодветен кадар, и истакна дека таа проверила оти во инспекторатот веќе 40 проценти од вработените се Албанци. Пратеничката рече дека сите закони гарантираат правичност и еднаквост на сите, а не дека законски е можно некој да има предност бидејќи професија Македонец или Албанец не постои и такво нешто нема ништо заедничко со владеење на правото.

Премиерот Заев во својот одговор рече дека теоретски е многу поразлично во однос на практичното решавање на проблемите. Тој рече дека решението на Владата за разрешување на директорот е во согласност со законот заради почитување на одлуките на Владата и е во согласност со етичкиот кодекс.

– Станува збор за законско решение конечно над илјада лица според правичната застапеност да бидат распоредени во државни институции. Значи, не станува збор за нови вработувања, туку за добивање на работен ангажман на лица кои се веќе со статус на вработени. Согласност дадоа 237 институции кои решија да бидат и солидарни. Почитувањето на законските одредби е темел за функционирање на Владата. Законот за преземање на административни служненици е донесен во декември и утврдува дека директорите се должни да ги адаптираат своите систематизации. Значи, распоредување на конкретни работни места со конкретни работни ангажмани. Станува збор за законско решение со кое оваа група на вработени конечно добиваат работен ангажман. За жал, Пауновски одби да го спроведе ова законско решение и дури и одби да разговара за ова прашање. Тоа не е одлика на добар директор. Инаетење преку медиуми не е добро за еден директор. Тој и не постапи солидарно ниту пак, според одлуките на Владата. Од моја страна се обидов да соработуваме и по ова прашање. Има Пауновски добри резултати во досегашното работење, како во однос на вработените, така и во унапредување на институцијата. И е мој пријател – сопартиец. Жалам за коментарите дека ми пречел пркосот, но инаетењето да не се спроведе закон и одлука на Владата и да не се почитува етичкиот кодекс кажуваат за неговиот однос. Инаку, Владата именува и разрешува директор на Државен пазарен инспекторат. Етичкиот кодекс говори и за работење во функција на углед на Владата и да не ѝ се нанесе штета на Владата, знаете, вие сте професор по право. Пауновски имал можност солидарно и креативно да учествува во работењето на Владата, но и мора да работи во рамки на етичкиот кодекс, бидејќи и за него тој има дадено согласност. Ако не ги почитува овие одредби, тогаш се тоа и се укажува, потоа и писмено се доставува и се преземаат мерки. Тоа е спроведено,имавме обиди за разговор, не ми одговораше ниту на телефонските повици.Одлуката на Владата е донесена со консензус, одговори премиерот Зоран Заев.

Силјановска по овој одговор на премиерот нагласи дека не тој не одговорил на нејзините директни прашања бидејќи не цитираше ниеден член од закон врз основа на кои е разрешен Пауновски. Кодексот не може да е над законот, нагласи таа и оцени дека говорот на Заев наликувал на говор од социјализмот каде се говори за планови и кодекси.

– Вие го прекршивте кодексот зашто законот дефинира стручност и професионалност на кадрите и никаде не се вели дека планови на Владата треба да се почитуваат, рече пратеничката Гордана Силјановска Давкова.