– Револтот кон новата концепција за реформи во основното образование достигнува кулминација откога се слушна најавата дека ќе се заменуваат печатените учебници со дигитални. Не слушнавме од Министерството за образование ниту една издржана, убедлива анализа, ниту еден стратешки документ што планираат. Како планирате сето ова да го изведете. Некои брзоплети закони стигаат во Собранието, но нема јавна расправа. Гледате колку гнев, колку револтирани наставници, родители, студенти и ученици слушаме секој ден. Дали има образовна и темелна стратегија за сѐ ова што го правите. Еве јас, не само како пратеник, туку како и родител на две дечиња, сакам да чујам од вас детаљна анализа што подготвувате и зошто го повлековте законот, а сега го очекуваме со ЕУ-знаменце – рече Мисајловски од собраниската говорница.

Не знам дали знаете дека се собира петиција, продолжи тој за укинувањето на сите овие реформи, особено за законот за учебници.

– Додека јас зборувам тука, ученици се гасат од онлајн-наставата и повикуваат на бојкот, се најавуваат пресови пред вашето Министерство за да покажат револт кон сѐ она што се случува. А од ваша страна гледаме само една ароганција и сила за да донесете закон со европско знаменце. Законот што стигна во Собранието требаше сите јавно да го расправаме. Да дебатираме, да поднесеме амандмани и нешто да прифатевте. Со ова повлекување што го направивте сакате да покажете дека ќе го донесете овој закон со сила. Ова е чист пример на манипулација и злоупотреба на европското знаменце – истакна Мисајловски.

И во најразвиените земји во светот не планираат целосно да преминат на дигитализација во образовниот систем. Затоа, рече тој, печатени учебници ќе има, сакале вие тоа или не.

– Ние како родители ќе обезбедиме учебници. Ве убедувам во тоа. Дали за тоа ќе препишете казни, не е важно, учебници повторно ќе има. Од 25 до 40 илјади дечиња во основното образование не може да имаат технички помагала за следење на наставата. А Уставот предвидува сите граѓани да бидат еднакви. Вака на сила, со ароганција, само ќе удрите во ѕид. Се собираат групи на социјалните мрежи од речиси 70 илјади граѓани, каде што има револт, а гледам во тие групи и пратеници од СДСМ пишуваат и граѓаните им возвраќаат со гнев. А на крајот од денот – кој ќе трпи, ќе трпат учениците – посочи Мисајловски.