Загрижувачки податоци за сè порана употреба на тутун

Новиот предлог-закон за заштита од пушење доби силна поддршка од здравствените власти, кои предупредуваат дека употребата на тутун почнува сè порано кај младите и остава сериозни последици врз здравјето. Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, проф. д-р Оливер Зафировски, посочи дека законските измени имаат цел директно да влијаат врз здравјето на населението и да спречат долгорочни заболувања.

„Новиот предлог-закон за заштита од пушење е еден од најдобрите закони што директно го засегаат здравјето на сите наши граѓани. Да ја заштиме повозрасната популација, но и она што е најбитно – и најмладите“, изјави Зафировски.

Тој нагласи дека статистиката покажува сериозен пад на старосната граница за почнување со употреба на тутун, која сега се движи меѓу 12 и 14 години. Според него, сè поголем проблем претставува и зголемената популарност на електронските цигари кај младата популација.

„Она што е пострашно е што сè повеќе во мода се електронските цигари. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата. Даваме поддршка затоа што ова не е казна, туку сакаме директно да ги заштитиме како помладите така и возрасните луѓе бидејќи една од основните причини за појава на белодробен карционом е никотинот, односно пушењето цигари“, рече Зафировски.

Клиниката нуди помош, но малкумина го завршуваат третманот

Од Клиниката за пулмологија и алергологија информираат дека веќе работат на програми за одвикнување од пушење, но интересот за целосно завршување на третманот останува мал. Според Зафировски, установата располага со стручен тим кој им помага на зависниците, но резултатите не се секогаш задоволителни.

„Иако нашиот психолог е врвно едуциран за тоа, луѓето доаѓаат, но многу мал број ја завршуваат цела сеанса за да дојдеме до конечно откажување од зависноста од никотин. Ние ќе останеме посветени и ќе почнеме да работиме и со помладите. Ќе имаме еден проект со средните училишта и со осмолетките за да почнеме и во почеток да знаеме колку значи таа зависност од пушење“, вели Зафировски.

Тој посочи дека кај нив се регистрирани и случаи на помлади пациенти, но тие ретко продолжуваат со третманот за одвикнување од пушење. Зафировски смета дека е неопходна поширока општествена акција, во која треба активно да се вклучат и медиумите.

„Не само белите дробови, оштетени се и срцето и сите други системи. Затоа велиме дека ова е еден од најдобрите закони што сакаме и да се спроведува. Сè во интерес на нашите граѓани“, изјави Зафировски.

Како дополнителна мерка, од Клиниката предлагаат во образовниот процес да се воведе редовна едукација за штетноста од пушењето. Според директорот, информирањето на младите може да биде клучно за спречување на зависноста од никотин.

„Доста е. Престанете. Има надеж. Оставете ги цигарите и навистина ќе видите колку ќе биде подобро“, порача Зафировски.