На два дена пред почетокот на спроведувањето на пописот во земјава, Симовски објаснува за тоа како течат финалните подготовки за пописот, воспоставените здравствени протоколи со оглед на пандемијата од КОВИД-19, дилемите на група граѓани во однос на попишувачите, односно дали ќе примаат невакцинирани попишувачи и слично.

Симовски вели дека Државниот завод за статистика и сите учесници во спроведување на пописот, се целосно спремни за почетокот во недела, на 5 септември.

– Пописот започнува за два дена и ние сме целосно подготвени за оваа операција успешно да ја завршиме. Фактички, сите подготовки се веќе завршени и сега остануваат уште многу ситни организациски работи коишто треба да ги завршиме. Точно е дека имавме проблеми со обезбедување соодветен број на учесници во пописот, ни се погоди заради летниот период, годишните одмори, случувањата со пожарите, пандемијата којашто исто така почна повеќе да се шири во последно време, желбата на граѓаните за учество во пописот, да биде на соодветно ниво, меѓутоа, сите проблеми се решени и мислам дека ќе стартуваме успешно во недела, и дека ќе го завршиме пописот онака како што сме предвиделе, и во тој рок. За сите оние што ќе одбијат да бидат попишани од лице кое не е вакцинирано, иако најголем дел од попишувачите се вакцинирани, ќе обезбедиме термин којшто заедно ќе го договориме со тоа лице, да дојде попишувач којшто е вакциниран. Околу прикажувањето, дали тоа ќе биде хартиен или на телефон, тоа е небитно. Битно е тоа лице навистина да биде вакцинирано. Да повторам уште еднаш, тоа не е клучниот момент. Клучно е сите да ги почитуваме протоколите, тогаш сите ќе бидеме заштитени. Бидејќи, јас можам да прашам сите попишувачи да бидат вакцинирани, но ако лицето коешто се попишува не е вакцинирано, тогаш го ставаме во опасност попишувачот, објаснува Симовски за ЦИВИЛ.