Директорот на ДЗС вели дека досега не се соочиле со никаков бојкот или технички проблем со пописот, апелираше граѓаните масовно да се вклучат во статистичката операција и рече дека не сакаат да поведуваат прекршочни постапки за оние кои ќе одбијат да се попишат и затоа ќе се обидат да ги убедат сите да учествуваат во пописот.
Пописот утрово стартуваше успешно, во првите два-три часа попишувачите не се соочиле со никаков бојкот или некој технички проблем, а директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, очекува дека истото ќе го каже и на 30 септември кога ќе заврши оваа статистичка операција.
Тој порача дека податоците од пописот ќе служат да се соберат информации за граѓаните, станбениот фонд и сè што е важно за домаќинствата со единствена цел успешно да се креираат и спроведуваат развојните политики.
Пописот нема поинаква цел, не служи ниту на една политичка партија, не случи ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата.Ве повикувам сите да се вклучите масовно во оваа операција бидејќи податоците се за вас. Не собираме податоци за да правиме некакви други работи, да ги чуваме во некои архиви и слично туку за да бидат употребени во онаа насока во која кажав. Не подлегнувајте на сите оние иницијативи да се бојкотира пописот бидејќи правите штета на себе си и на своите деца. Ова се податоци за вас и за вашите идни поколенија. Следните десет години, кој било да е во државата, треба да гради политики на развој врз основа на овие податоци, ние не ги правиме за оние што се денеска или што ќе бидат утре на власт, туку за вас – порача Симовски.
На терен од утрово се 5 000 попишувачи, во секое домаќинство влегува по еден попишувач, сите носат брендирани маици и треба да имаат закачена легитимација околу вратот на која го пишува неговото име и презиме и други податоци кои домаќинствата може да ги проверат и споредат со документот за неговата лична идентификација.
Сите останати кои немаат ваква легитимација, нека сметаат граѓаните дека се некои провокатори кои сакаат да направат нешто поинаку. Да не пуштаат ниту еден човек дома ако ја нема оваа легитимација и да проверат дека таа се однесува на тие лица. Свесни сме каква антикампања имаме и можно е секогаш да има некои што ќе се обидат да го злоупотребат овој попис – рече директорот на ДЗС.
Симовски вели дека на една врата ќе се тропне и илјада пати ако треба за да се соберат податоците лично од секој полнолетен член на домаќинството. Тој уверува дека процесот ќе се одвива безбедно односно без опасност од ширење на ковид-19, по сите протоколи. Повеќето попишувачи се вакцинирани, а ако некој не сака да прими невакциниран попишувач, тогаш во тоа домаќинство ќе се испрати некој што ја примил вакцината.
Директорот порача и дека немаат намера да поведуваат прекршочни постапки за оние кои ќе одбијат да се попишат. Тоа, како што вели, би се направило во исклучителни ситуации.
Нема кривична пријава за тие што нема да даваат податоци. Пријавата е прекршочна ако треба да се поведе. Нашата намера е да немаме вакви случаи, ние ќе се обидеме на сите можни начини да ги убедиме граѓаните дека учеството во пописот е во нивни интерес и да не одбиваат. Ако мора само во исклучителни ситуации ќе ја покренеме таа постапка. Пријавата е прекршочна и се однесува на сите членови на домаќинството што одбиваат – рече Симовски.