Симовски, денеска заедно со заменикот-директор Илми Селами, беа во Тетово за да проверат како тече пописот во овој регион. Нивната оценка е дека и во работните часови од овој ден попишувачите успеваат да го спроведат пописот во голем број домаќинства, а пречка како низ целата држава е проблемот во прекините на поврзаноста на лап-топ компјутерите со интернетот.

Според директорот Симовски, населението масовно го прифаќа пописот и немаме одбивање, а само мал број луѓе ги одбиле попишувачите.

– Мислам дека овој процес ќе биде успешно завршен на крајот и сите ќе се радуваме на крајот на септември и дека сме го завршиле овој процес после цели 20 години. Многу малку инцидентни случаи, кои што се занемаралив број и таму првично што ќе направиме е да поразговараме со овие луѓе да им објасниме што е целта на пописот и очекуваме дека нема да има проблем. Не би сакале во моментот попишувачот да го ставиме во таква ситуација, таму ќе отидат нашите државни инструктори да им објаснат малку подобро и веруваме дека нема да има проблем и во тој дел. Сега за сега се многу малку инциденти случаи и малку на број, рече Симовски.

И во Тетово, како низ целата држава недостигаат околу педесетина попишувачи за што се повикани луѓе вработени во администрацијата за кои овие неколку дена ќе се врши обука за да можат подоцна да почнат со работа.

-Досега немам ниту информација дека било кој од домаќинствата побарал посебни протоколи и било што друго. Она што знам дека сите наши попишувачи се обврзани и строго ги применуваат мерките кои се за заштита на населението. Ние мораме да водиме сметка за нашите граѓани и водиме сметка за себе бидејќи и ние сме луѓе. И апсолутно тука нема пардон за никого. Сите до еден мора да ги почитуваме овие мерки. Ако било кој од попишувачите имал проблеми здравствени или имал во моментот не може да биде дел од овој процес бидејќи мора да биде во изолација. Ние процесот ни тече, не може да чекаме излегување од изолација, таков проблем немаме во моментот. А во однос на бројот на попишувачи ќе го решиме брзо, тој е решен од администрацијата. Ќе треба следниве два три дена да направиме обука на овие луѓе, не може да ги пуштиме на терен без обука. Така да ќе се вклучат многу брзо во тој процес и нема да има непокриен дел, изјави Симовски.

За првиот ден од пописот директорот рече дека бил исклучително успешен ден, а бројката изнесува околу 92 илјади попишани лица.