Дури, Симовски оценува дека станува збор за „чиста глупост” и дека таквата изјава не заслужува коментар.

„Никој жив досега нема влезено во податоците кои се собрани од пописот. Ниту едно, единствено лице. Целиот систем е со однапред предвидена заштита за било какво влегување во него, па дури и од нашите вработени. Податоците ќе бидат достапни дури откако ќе заврши пописот и вкупната обработка”, изјави Симовски.

Извесниот Иван Анчев, поранешен козул на Бугарија во Чикаго за порталот „Фактор.бг” напишал текст во кој го изнел своето незадоволство од текот на пописот во Македонија, односно од аспект на очекувањата на официјална Софија.

„На пописот што е во тек во Македонија досега како Бугари се изјасниле само 72 граѓани. Ако во Македонија за Бугари се определат само 1.000 луѓе тоа би не лишило од секакви аргументи во дијалогот со властите во Скопје”, смета Анчев.

Поранешниот бугарски конзул не ја крие лутината од ваквите поразителни бројки земајќи предвид колку бугарски пасоши им се доделени на жители на Македонија:

„Седумдесет и двајца! При 130.000 бугарски пасоши издадени на северномакедонски граѓани. Сите тие баратели на пасош кои не мора да ги наречам Бугари, пред нотар, се декларирале дека имале бугарска свест и пополниле декларација со неточни податоци, што пак потпаѓа под членот 313 од Кривичниот законик на Бугарија”.

Анчев сугерира да им се одземат пасошите на сите оние кои добиле бугарско државјанство, а на пописот во Македонија не се изјасниле како Бугари, зашто такви државјани, нагласува, не ѝ се потребни на Софија, дури оценувајќи дека многумина од тие што имаат бугарски пасош најсилно извикуваат: „Бугари-татари”.

Инаку, директорот Апостол Симовски во гостувањето на „Утрински брифинг” признава дека Државниот завод за статистика е изложен на хакерски напади и дека имало обиди да се влезе во системот за пописот.

„Цел на напади, откако почна пописот е нашата веб страница, меѓутоа таа нема врска со делот на пописот. Не станува за софтверски проблеми, туку за милионски постојани напади во текот на сите овие денови. Имаше обид да се нападне и системот за пописот. На два пати се има тоа случано и двата пати се успешно одбиени. Немаме повеќе такви случаи”, изјави Симовски.

Дали и колку има обиди од бугарски хакери да се влезе во пописниот систем и да се дојде до доверливите податоци остана некажано.