Минималецот до година ќе се зголеми за најмалку 10 отсто, најави вчера министерот за економија Крешник Бектеши. Бизнисмените велат ова ќе биде нов товар. Синдикатите очекуваат законското решение за пресметка на минималната плата да се почитува во целот, но забележуваат дека бројот на работници кои ќе ја земат минималната плата следната година ќе се зголеми, бидејќи со години не се врши пропорционално усогласување на останатите плати со процентот на раст на минималната плата, анализира Плусинфо.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека новиот начин на утврдување на минималната плата е добар за одржување на економската моќ на работниците, но ќе биде товар за дел од компаниите, особено за трудоинтензивните дејности.

– Сè уште не се знае колкаво ќе биде зголемувањето на минималната плата, но и најавените 10% или околу 2.000 денари, ќе бидат товар за трудоинтензивните дејности, кои последниве години почнаа да ги губат странските партнери бидејќи, поради високите трошоци на плати нашите услуги се поскапи од регионот, од Бангладеш, Индија или од Мароко, каде што партнерите ја префрлаат својата работа од годинава – вели Димитров.

Според него, грешката во однос на зголемувањето на минималната плата направена под политички притисок во претходните години, кога од 15.000 денари минималната плата се зголеми на 18.000 денари, наместо на 16.000. Таа ќе ја следи минималната плата и другите плати и во наредни години.

Тогаш беше направен неекономски скок на минималната плата, што се одрази на останатите плати и наместо мал број на работници да земаат минимална плата се направи урамниловка со другите плати и сега на минималец се многу поголем број работници, бидејќи повисоките плати се изедначија со минималната и не претрпеа пропорционално зголемување во многу дејности поради кризните години. Ова влијаеше демотивирачки кај работниците кои требаше тогаш да земат повисоки плати. Како ќе се зголемува минималната плата, така ќе се зголемува и бројот на работници кои ќе го земаат овој износ и во иднина – вели Димитров.

Синдикатите очекуваат минималната плата да расте според договорената пресметка, но и тие велат дека проблем е тоа што минималната плата ќе значи изедначување на платите, а бројот на работници кои ќе земаат минимална плата ќе се зголеми. Затоа предлагаат нивното барање за пропорционално зголемување на другите плати да се реализира заедно со растот на минималната плата.

– Нашите пресметки се дека минималната плата, според новата методологија, ќе треба да се зголеми за 15%, а тоа е повисоко зголемување од она, што на пример, ќе го добијат вработените во јавната администрација од 10% годинава, а наредната нема да имаат зголемување. Тоа ќе придонесе да се изедначат платите на работниците кои имаат најниски плати со платите на категориите над нив. Па така пресметките се дека сегашните околу 130.000 работници на минимална плата ќе се зголемат за дополнителен број. Во вакви услови не можете да очекувате мотивираност кај работниците кои се наоѓаат во групите кои треба да земаат повисоки плати од минималната, бидејќи нема сразмерно зголемување на платите кое одговара на продуктивноста и одговорноста на задачите – вели претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски.