–Против мене беа извршени злосторства. Татко ми треба да одговара на суд за она што се осмели да ми го направи, изјавил Бабиш јуниор за весникот Деник Н.
Бабиш го обвинува својот татко дека го вовлекол во случај на наводна злоупотреба на европските фондови, само еден месец пред парламентарните избори во Чешка, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Тој исто така тврди дека во 2018 година бил задржан на Крим против негова волја , за да не сведочи во тој случај.
Премиерот ги отфрла обвинувањата и тврди дека неговиот син е ментално болен.
На 9 септември, чешката полиција го испрашуваше Бабиш помладиот пет часа. Тој им даде експертско мислење, во кое се наведува дека нема проблеми со менталното здравје.
Бабиш е осомничен дека противзаконски добил два милиони евра од фондовите на ЕУ за изградба на фармата и конгресниот центар Родино Гнездо во 2008 година. Потоа, тој наводно ја пренел сопственоста на фармата што била дел од неговиот концерн „Агроферт“, за да може да добие европски грантови за мали и средни претпријатија, а по пет години се вратил во концернот.
Истражителите препорачаа поднесување кривична пријава против Бабиш во јуни, но државниот обвинител го врати случајот во полиција за понатамошна истрага, така што случајот останува отворен.
Бабиш ги отфрла сите обвинувања, тврдејќи дека се политички мотивирани.