Од владејачката партија порачуваат дека системот функционира и дека конечно започнало расчистување со недопирливите кои со години биле заштитени.

Во реакција на критиките од опозициската СДСМ, тие потсетија на бројни скандали поврзани со нивното владеење. Меѓу другото, наведуваат дека во времето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, македонски пасоши добивале светски криминалци, наркобосови и припадници на терористичката организација ИСИС.

Од владејачката партија дополнуваат дека за време на мандатот на СДСМ и ДУИ биле компромитирани и меѓународни акции за шверц на дрога. Според нив, лица од безбедносниот систем, управуван од СДСМ, давале информации на наркокартели и со тоа ја саботирале работата на меѓународните служби.

„Ако некој го загрози безбедносниот систем на државата, тоа беше токму СДСМ за време на своето владеење“, се наведува во реакцијата.

Од власта обвинуваат дека денес СДСМ го напаѓа министерот Панче Тошковски, затоа што расчистува со криминалот и ги руши старите мрежи на заштитени криминални интереси.

  • „СДСМ се плаши од фактот дека системот функционира. Законот сега важи за сите еднакво, без исклучоци“, порачуваат од владејачката партија.

Тие додаваат дека нападите врз министерот се доказ дека веќе нема недопирливи, ниту политичка заштита како што имало во минатото.

  • „Се водат истраги и се апсат луѓе кои долги години беа заштитени од врвот на СДСМ. Системот функционира и секој што ќе се огреши пред законот, ќе одговара“,  потврдуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ