Системот за влез/излез на Европската Унија претставува удар за викенд туристите кои патуваат во Грција, изјави Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителска комора при ССК, во синоќешната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Тој додава дека кога се најавуваше воведувањето на системот било кажано дека еднаш ќе се фотографира лицето и потоа само со отисок на граница се забележува влез во ЕУ, меѓутоа во пракса се гледа дека не е така.

„Пресметавме дека некаде околу 250.000 туристи се тоа. Тоа се истите туристи кои што одат викенд четврток – недела или петок – понеделник во Грција и тие ќе бидат засегнати со овој систем. Другите кои имаат свои куќи, станови, приколки, тие секако ќе одат и ако треба ќе чекаат и по повеќе часови и ќе поминат граница“, рече Керим.

Тоа, пак, е шанса, додаде тој, за македонското туристичко стопанство, со убави понуди да се пренасочат туристите.

„Место да одат да чекаат повеќе часови на граница, да одат да уживаат во Охрид, во Струга, во Дојран, на Преспа, Битола и сите останати наши убави локалитети. Затоа сум оптимист дека штом Грција воочи колку голем економски удар е системот, бидејќи 1,2 милиони македонски граѓани годишно ја посетуваат Грција, тогаш мислам и тие ќе сакаат на некој начин да го суспендираат системот за побрз проток на патниците“, смета претседателот на Туристичко-угостителска комора.