„Денес е 27-ми септември, Светски ден на туризам. И токму овој ден го одбравме за да продискутираме за состојбите и за предизвиците на македонскиот туризам. Кога ќе кажеме Македонија, прва асоцијација се македонските убавини, реките, планините, езерата, сонцето. И на кој се надоврзува фактот дека станува збор за библиска земја, гостопримлив народ, извонредна храна и сите предиспозиции за една земја да може се нарече атрактивна туристичка дестинација. Но, за тоа колку Македонија е позната во светот, какви кадри вадиме во туристичка индустрија, како ја промовираме Македонија, колку државата се залага за туристичкиот развој, со кои проблеми се соочува македонскиот туризам и кои се решенијата ќе проговориме со денешните дискутанти на оваа трибина“, порача Слободан Блажевски, претседател на Централна комисија за туризам на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Состојби и предизвици на македонскиот туризам“.

Тој посочи дека како претседател на Централна комисија за туризам смета дека се ова што ќе се каже ќе влезе во програмата на ВМРО-ДПМНЕ во делот туризам и ќе се оствари.

Нема туризам доколку нема промоција, изјави на трибината Влатко Сулев, претседател на Туристички агенции за дојдовен туризам, кој истакна дека за туризмот мора да се има план за 5 или 10 години и секоја година да се посвети на некаков пазар, за да може заеднички во рамки на можностите да се активираме, инаку ќе нема резултати.

„Резултатите кои се сега се плод на макотрпна работа и вложувањата на приватниот туристички сектор. Самиот сектор вложува многу повеќе во промоција отколку што вложува државата и тоа мора да се промени. Системското поставување во туризмот со години не функционира, потребна е итна реорганизација, има акциски план, сето тоа само треба да се спроведе. Ни треба национална туристичка агенција каде приватниот сектор ќе има директен импакт. Не може да има институција за промоција на туризам а да нема комуникација. Не можеме да влијаеме на тоа што директно не засега“, рече тој.

Сулев додаде дека ако сакаме да се профилираме како туристичка дестинација, бидејќи туризмот е гранка која создава претприемачи, треба да се поддржи преку промоција од страна на државата но потребна е поддршка и на другите алки поврзани со туризмот.

Денес Димитар Кавраков, претседател на Македонска асоцијација на водичи и придружници истакна дека институциите остануваат глуви на нивните барања и прашања со што им ја отежнуваат работата и на нелојалната конкуренција е која што исто така претставува проблем за туризмот во Македонија.

„Да го честитам денот на туристичките работници, ние сметаме дека на некој начин сме амбасадори на туризмот, бидејќи на туристите им ја презентираме Македонија. Ние како водичи кои што ја презентираме Македонија имаме проблем со недостатоци кои што не зависат од нас туку зависат од системот. Првиот недостаток е што 80 % од своето време го трошиме на оправдување за ѓубрето, лоша инфраструктура, автопатот Скопје -Охрид, тука немаме помош од властите“ нагласи Кавраков.

Кавраков истакна дека институциите остануваат глуви на нивните барања и прашања со што им ја отежнуваат работата.

„Пример за кои што институциите не ни излегуваат во пресрет е пред се дека немаме никаква помош финансиска, исто така за жал сега легитимациите се купуваат и добиваме кадар каде што се мешаат Галичник и Галичица, имаме проблем со кучињата скитници, со осветлување на местата, фалат плочите на спомениците, инфраструктурата во старата Скопска чаршија е многу лоша, градби кои што не се заштитени“, истакна Кавраков.

Кавраков се осврна и на нелојалната конкуренција која што е проблем во туризмот пред се на странските водичи кои што објаснуваат за Македонија а никој тоа не го контролира.

Пратеничката во македонскиот Парламент, Лидија Петкоска истакна дека грижата на власта за туризмот најмногу се гледа преку износот на буџетските средства кои што се издвојуваат за туризмот, преку стратегиите, политиките и визијата туристичкиот развој, додека пак грижата на законодавниот дом се гледа во уреденоста на законската материја.

„Ако тргнеме од овие параметри, односно ако ги земеме во предвид буџетските трошки кои што се издвојуваат за развој на туризмот, ако го земеме предвид фактот дека, буквално, сите стратегии се само на ниво на најава и убава желба, отсуството на визија надополнето со неуреденоста на законската материја, ќе дојдеме до заклучокот дека, за жал, од 2017 година до денес имаме власт која ниту сака, ниту знае ниту може да ја препознае важноста на туризмот за вкупниот развој на македонската економија. Агенцијата за промоција на туризмот располага со буџет од 1,4 милиони евра средства кои што, ако се земе во предвид фактот дека Република Македонија е сеуште неистражена туристичка дестинација, се навистина премалку за Македонија да биде солидно промовирана во светот и да се најде на светската туристичка мапа како атрактивна туристичка дестинација“, рече Петкоска.

Таа посочи дека не секогаш е се до парите, односно со домаќинско работење може да се остварат големи резултати дири и без големи расходи од државната каса, додавајќи дека ако смислиме мерки за стимулирање и развој на постоечката понуда, ако понудиме содржини кои ќе ги задржат туристите подолго во Македонија нема да заостануваме во развојот и во понудата на нашите конкуренти.

На панел дискусијата свое излагање имаше и ректорот на Универзитет Скопје, Аце Миленковски, кој истакна дека во туризмот е потребна итна реорганизација и за да се постигнат конкретни резултати.

-Ширум целата наша татковина ќе наидете на, ќе бидам брутален да кажам, хотел промаја. Ниту еден објект не е ограден, не е заграден, не е означен, нема продавница за сокови, за сладолед, нема туристички водич, нема тоалети. Ако идете на Кокино, таму немате кој ви е домаќин да ве пречека, некој да ве води низ карпите и ако ви се пие вода да не ја носите со вас меѓу двата прста, во задниот џеб или во ранецот. Треба комплетна реорганизација на општествените услови на живеење и на работење во нашата татковина не само во туристичкиот бизнис, во туристичката индустрија, туку комплетно. За да го стигнеме тоа што го бараме, истакна Миленковски.

Тој исто така додаде и дека доказ за тоа што работите одат во надолна линија е тоа што 33 години не може да го надмине рекордот на пристигнати туристи во Македонија од 88-89-тата година.