Почина Ангелина. Цели 12 дена за живот се бореше ова мало девојче кое беше погодено со куршум од Коста К, но немаше спас. Ангелина е десеттата жртва во масакрот. Веста за нејзината смрт повторно ги потресе сите, пишува „Новости.рс“.
„Таа веќе не дише, а сите се молевме на училиште таа и Владимир да останат живи. Дури на влезот во училиштето залепивме постер со порака за нивно брзо заздравување. Верувавме во подобро, во лекарите, во нивната младост и издржливост, без разлика на повредите со кои се здобија. Но, ја изгубивме и Ангелина. Ни остана само Владимир и се надеваме дека барем тој ќе се врати кај нас, ќе влезе во училницата и ќе бидеме заедно“, вели во изјава за „Новости“ ученик од „Владислав Рибникар“ .
Ангелина беше хоспитализирана на детската клиника откако на 3 мај тринаесетгодишниот Коста К. уби осум ученици и чуварот во училиштето.
Таа се здоби со тешки телесни повреди на главата. Веднаш по приемот во болницата девојчето беше оперирано, но куршумот и останал во главата. Лекарите сиве овие денови од минута во минута ја следеле нејзината здравствена состојба и покрај наводите дека нема многу надеж за девојчето, се обиделе да ја спасат.
„Веста за смртта на девојчето повторно сите не потсети на страшниот масакр и брзо се прошири на социјалните мрежи. Ќерка ми, речиси две недели по хоророт што се случи, дојде на час. И сега да го слушне ова… не знам како ќе ја смириме“, вели еден од родителите за српскиот весник.
Во текот на денот, како и секој ден досега, граѓаните кои минуваа покрај училиштето застанаа на едноминутно молчење, оддавајќи им почит на настраданите деца и на обезбедувачот.
Некои од нив, слушајќи за смртта на малата Ангелина, се приближија до училишниот двор, запалија свеќа и му положија бел цвет на починатото девојче, пишува весникот.