Епидемиолошката состојба во Гостивар постепено се стабилизира, бројот на новопријавени пациенти со стомачни проблеми се намалува, а резултатите од анализите на водата за пиење се очекува да бидат објавени до 20 август, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

„Во основа, сега излегуваме од акутната фаза. Веќе можам да кажам дека сме влезени во нормален период. Бројот на новопријавени пациенти се движеше од 40 до 80 овие неколку дена. Нормалната предепидемиска појава на стомачни проблеми со дијареа и повраќање се движи меѓу 25 и 100 случаи“, изјави Клековски.

Тој нагласи дека епидемијата официјално нема да биде прогласена за завршена сè додека не се исклучи можноста новите случаи да се поврзани со водата за пиење. Институциите продолжуваат да ја следат состојбата, да ги евидентираат заразните заболувања и да спроведуваат епидемиолошки анкети.

„И најдобрите епидемиолози од Центарот за јавно здравје и од Институтот за јавно здравје ги анализираат тие податоци. Ние влегуваме во една нормалност бидејќи бројот на заболени е како во август минатата година, условно кажано“, додаде Клековски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата, министерот повика да биде поднесена конкретна кривична пријава доколку постои сомнение дека сторил кривично дело.

„Јас ќе се јавам да дадам изјава во Јавното обвинителство веднаш штом опозицијата, односно конкретно СДСМ, ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Вака, изјави на прес-конференции без дефинирање кој закон, која регулатива е повредена и со што сум го сторил кривичното дело, е само лош политички маркетинг. Јас одговорно тврдам дека и како министер и Министерството соодветно реагираме“, рече Клековски.

Тој додаде дека експертски тим од Министерството за здравство веќе подготвува детална анализа на случајот, а јавните установи ги доставиле своите мислења. Хронологијата ќе биде усогласена и со Агенцијата за храна и ветеринарство и со Центарот за управување со кризи, по што ќе биде јавно објавена.