Скандалозно известување осамна на Клиниката за Токсикологија во Скопје потпишано од економската директорка Бесија Иљази. Таа вчера, на 20 мај издала наредба до вработените на Клиниката за токсикологија на два јазика, и на македонски и на албански, во кое воведува цензура. Ова следува откако професори со 30 години стаж разоткрија дека таа со договор на дело сака да вработи 18 лица од кои Клиниката нема потреба и од кои дел немале соодветни квалификации, пренесува Слободен Печат.

Меѓу нив е и болничарот кој јавно на камера призна дека барал од лаборантот на Клиниката да замени урина во која имало дрога со чиста урина, но за услугата бил одбиен. Исто така, вработените на прес-конференција истакнаа дека клиниката не е осигурана, а едно време токсиколошката лабораторија работеше незаконски, односно без неопходниот законски услов за биолог. Директорката потоа одржа своја сопствена прес-конференција само на албански јазик која медиумите ја напуштија поради неможност за работа.

Се забранува неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции. Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски медиуми, давање интервјуа и слично, со што би се нанела штета на интересите и угледот на клиниката. Средби со новинари други медиуми, само со претходно известување на в.д. директорката, пишува во наредбата.

Во членовите 30 и 31 од Статутот на Клиниката за токсикологија нема одредба која дозволува на економски директор да воведува цензура, ама има многу одговорности за економскиот директор меѓу кои почитување на работното време, економското работење на клиниката итн.