Опомената да седи мирен и да внимава на часот, скапо ја чинело наставничката по германски јазик од основното училиште Климент Охридски во скопско Драчево.
Инцидентот се случил минатата недела, кога ученик од деветто одделение физички и вербално ја нападнал учителката затоа што таа побарала од него пристојно да се однесува. Најпрво ја “мавнал“ со својот ранец а потоа почнал да дивее и да ја пцуе. Ова за Лидер го тврдат родители на неколку деца од истото одделение, кои велат дека по инцидентот нивните деца се видно вознемирени и уплашени и со страв одат на училиште.
По ова наставничката веднаш пријавила кај раководното лице на училштето и стручните служби. Според исказите на родителите, директорката веднаш ги повикала родителите на ученикот кој го направил инцидентот. По извршениот разговор со нив, побарала од учениците да не кажуваат ништо дома. Да не се шири случајот и да не се брка детете од училиште затоа што било деветто одделение и имало уште малку да го заврши основното образование, велат за Лидер родителите на ученици од деветто оддлеление на скопското училиште Климент Охридски, кои сметаат дека со прикривањето се прави многу поголема штета.
По нападот, наставничката по германски јазик следните три дена не се појавила на работното место.
Лидер побара став од Градоначалникот на Кисела Вода под чија надлежност се основните училишта. Орце Ѓорѓиевски вели дека не е запознаен со случајот, но веднаш ќе интервенираат општинските служби и ќе се испита случајот.
-Сега надлежната општинска Комисија од Секторот за образование ќе излезе на терен, ќе види што точно се случило. Ќе ги побара записниците. Ќе ги повика на разговор и наставничката по германски, директорката и стручните слчужби на училиштето како и другата страна, родителите на детето и ќе одлучиме што ќе правиме по основ на тоа.
Со тоа што доколку се утврди дека има прикривање на случајот ќе сноси директорката одговорност. Затоа што директорката не е таму судија! Таа најпрво треебала да ги проследи информациите до нас како повисока и надлежна инстанца. Ако се утврди дека го прикрила случајот, со самиот чин, мене ми се отвараат разни сомнежи, а јас не сум тука никого да го штитат,туку да се спроведува редот и дисциплината согласно законските прописи, вели Ѓорѓиевски за Лидер.