Двајцата министри разговараа за развојот на на повеќесекторската соработка меѓу двете земји, а особен акцент беше ставен на актуелностите во однос на внатрешно-политичките состојби во земјава како и последните дејствија поврзани со европската интеграција на Македонија, но и на регионот.

Османи во оваа прилика го поздрави успехот на словенечкото претседателство да обезбеди консензус за Извештаите на Комисијата за земјите од Западниот Балкан, како и за заклучоците на Европската Унија за регионот, што е аргумент дека и покрај големите предизвици со кои се соочуваме, Европската Унија останува и присутна и посветена на Западниот Балкан.

-Сепак, овој делумен успех на словенечкото претседателство, барем овде кај нас, влезе под длабока сенка на неуспехот на Унијата да обезбеди консензус во операционализација на сопствената одлука од Март минатата година за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но сѐ помалку граѓаните на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од некои земји – членки. Неспорно е дека довербата во процесот на проширување е најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион. Но наша обврска не е да гледаме со разочарување на неуспесите, туку да ги следиме предизвиците и да нудиме решенија. Ние остануваме посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, што преставува наш стратешки интерес и можам да ве уверам дека продолжуваме да работиме и со нашите соседи со несмалено темпо. Предалеку сме отидени во овој процес за да се откажуваме, но искрено, се надевам дека со новата политичка гарнитура, почнуваме и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави, истакна Османи.

Министерот Сијарто ја реафирмира унгарската поддршка со заложби истата да продолжи со несмален интензитет во натамошниот период. Двајцата министри констатираа дека интеграцијата на Западен Балкан е геостратешки интерес на Европската унија, што придонесува за безбедноста и просперитетот на целиот континент и оневозможување на несоодветни влијанија и интереси од трети држави.

Двајцата министри разменија мислења за состојбите во Регионот и констатираа дека е неопходен засилен ангажман на Унијата со цел постигнување двонасочен, партнерски однос кој ќе придонесе кон постабилен и просперитетен Регион.

Беше поздравен континуираниот раст на трговската размена, и очекување дека постојат потенцијали и за натамошно зголемување на истата. Реактивирањето на работата на Заедничкиот мешовит комитет меѓу двете земји и одржувањето на 4та Седница следната година, ќе даде дополнителен позитивен импулс на трговската размена, со цел изнаоѓање можности за поповолна заемна инвестициска клима.