Доктор Марија Арсова Апостоловска е специјалист по Детска и превентивна стоматологија и веќе години води битка да почне со работа во ЈЗУ Здравствен дом – Др. Иван Ѓорѓиев во Пехчево, но не успева затоа што актуелното раководство под капа на доктор Руменка Станоевска не и дозволува, иако пред неколку години била прворангирана на конкурсот, пренесува Фокус.
Според документите со кои располагаме, се почнува кога во исто време, поточно во 2019 година сега актуелната директорка, која тогаш не била на позиција и Апостоловска конкурираат на оглас за работно место во Здравствениот дом, при што иако таа била прворангирана, работата ја добила сегашната директорка, која од незаконско вработување, добила и функција.
Со оглед на неправдата, која и се случила, доктор Арсова-Апостоловска не ги оставила работите така и правдата ја побарала по судски пат.
Првично, Основниот суд во Берово не пресудува во корист на доктор Апостоловска, но затоа пак Апелациониот ја преиначува одлуката, а Врховниот суд ја потврдува.
Документите покажуваат дека од доставените материјални докази било утврдено дека актуелната директорка на огласот конкурирала со неважечка лиценца. Во меѓувреме, ја назначуваат за прв човек на Здравствениот дом, а оттука следува и пресудата од Апелациониот суд, во која изричито пишува дека мора сама на себе да си потпише отказно решение, поради незаконско вработување.
„Во прилог на тоа оди и околноста што првата одлука за избор донесена од ВД директорот на тужениот е поништена од второстепената комисија, поради тоа што фотокопијата од леиценцата за работа на доктор Руменка Станоевска не била заверена.
Ова значи дека тужениот како работодавач и покрај тоа што соогласно чл. 23. ст1 од ЗРО во јавниот оглас ги навел условите, кои што треба да ги исполнуваат кандидатите и не ја почитувал одредбата каде што е предвидено дека работодавачот има право на слободно одлучување со кој кандидат, кој ги исполнува пропишаните услови ќе склучи договор за вработување.
Од наведените причини, овој суд согласно чл. 361 од ЗПП, жалбата на тужителот ја уважи, а обжалената пресуда ја преправи така што тужбеното барање на тужителката го усвои, а нападнатите одлуки ги поништи како незаконити“, се наведува во одлуката на Апелациониот суд, додавајќи дека треба да и се платат судските трошоци на тужителката.
Сепак, ни тоа не е доволно актуелната директорка да ја смени одлуката, па по писмен пат испраќа допис до Марија Арсова-Апостоловска повторно потврдувајќи и дека нема да ја вработи. Документот со кој располага „Фокус“ е испратено известување од директорката Станоевска на 6 декември, 2021 година. Во прилог известувањето:
„Фокус“ ја контактираше и доктор Марија Арсова Апостоловска, за да добиеме коментар за овој случај, за кој таа бара правда дури од 2019 година или поточно речиси пет години.
„И покрај тоа што на огласот бев прворангирана и нејзиното вработување беше поништено со судски пресуди од Апелационен суд Штип и потврдено од Врховен суд на Република Северна Македонија, директорката писмено ме извести дека не се чувствува мериторно да ме вработи, оти и таа била кандидат на конкурсот, па затоа се иззема да ме вработи.
Директорката постапува како Здравствениот дом да е нејзина приватност, а не установа од јавен интерес. Со таквото однесување се спротивставува на Владата и на Министерството за здравство, чија цел е да се задржат докторите специјалисти во државата.
И покрај тоа што специјализирав, јас сум субвенционирана и од министерството за здравство, а со тоа бев и во групата специјализанти на кои министерството ни исплаќаше плата, со цел да не мотивира да специјализираме и да не задржи како кадар. Имав склучено договор на дело со клиниката додека специјализирав. И сега тие вложија во мене, а некој не ми дозвоплува да бидам корисна за општеството и за децата, на кои неколку години не им е направен систематски преглед“, вели Апостоловска.
Стапивме во контакт и со нејзини колеги од Здравствениот дом во Пехчево, од каде ни потврдија каква голгота поминува Апостоловска.
„Од Здравствениот дом си заминаа тројца специјалисти, кои работеа над 30 години. Дојдоа директори од надвор, кои со нивното „работење“ , ароганција, дискриминација, мобинг ги избркаа стручњаците“, ни коментираше вработена, која сакаше да остане анонимна.
„Фокус“ се потруди да стапи во контакт и со актуелната директорка на Здравствениот дом, Станоевска на која и испративме неколку прашања на вибер:
1. Дали работи ординацијата по Детска и превентивна стоматологија?
2. Дали имате во Пехчево специјалист по Детска стоматологија?
3. Дали работи мамографот во Здравствениот дом?
4. Од ваши пациенти разбравме дека попладне работите ортодонција во вашиот дом. Дали е тоа точно?
5. Дали одите во Струмица да ординирате ортодонција?
6. Која е проблемот што вашата колшека Марија Арсова Апостоловска не ја вработувате, иако во 2019 кога сте конкурирале заедно на оглас била прворангирана?
Сепак, до објавувањето на текстот не добивме повратни одговори.