Пречек на Новата 2026 година со голем новогодишен концерт и настапи на домашни ѕвезди

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги покани скопјани на плоштадот „Македонија“ за пречек на Новата 2026 година, најавувајќи вечер исполнета со музика, забава и заедништво.

„Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот ‘Македонија’ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот“, изјави Ѓорѓиевски.

Програмата ќе започне во 19:45 часот со настап на Миле Кузмановски, а потоа ќе следуваат Огнен Здравковски, Дина Јашари, легендарните Куку Леле и Тамара Тодевска. Специјални гости за младата публика ќе бидат Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.

Заедништво и позитивна енергија за сите генерации

„Почитувани скопјани, доста беше мрак. Време е за заедништво и за радост. Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани“, истакна градоначалникот.

Ѓорѓиевски нагласи дека програмата е создадена со домашни изведувачи омилени на публиката и дека настанот е подарок за градот:

„Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува. Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.“

Сите жители на Скопје се добредојдени да учествуваат во новогодишната прослава, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.