Историско железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија најавено за 2031-2032 година

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска потврди дека Македонија и Бугарија ќе потпишат договор за изградба на прекуграничен тунел на пругата кон Бугарија веднаш по завршувањето на изборните ограничувања на 4 ноември. Следи целосното соопштение:

Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, една корисна конструктивна средба каде што првпат после скоро година дена седнавме да ги разгледаме реалните проблеми коишто се од инженерски, а не од политички карактер. Имајќи предвид дека средбата беше таква, стручна за теми кои не се поврзани со политика, затоа што градење пруга не е политика, најдовме многу брзо решение“, рече Николоски.

Според него, Македонија ќе ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, додека Бугарија веќе инвестирала милијарда и половина евра во пругата од Софија до Ѓуешево и делот до границата. За тунелот, кој претходно бил проектиран само до пола, ќе се потпише меѓудржавен договор по изборите.

Ако се оди како што треба на двете страни, во 2031, 2032 година треба да се патува со воз од Скопје до Бургас“, додаде Николоски.

На седница на Владата исто така беа одобрени корекциите за третата фаза, со цел целосна реализација на проектот и историско железничко поврзување помеѓу Скопје, Софија и пристаништето во Бургас.