Средба со амбасадорот на Европската Унија
Денес во просториите на Град Скопје градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оствари средба со амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас, како и со првиот советник и раководител на Секторот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ, Марија Канелопулу.
„Ова беше нашата прва средба по моето преземање на функцијата градоначалник на Скопје, на која разговаравме за клучните можности и идни насоки на заедничка соработка“, истакна Ѓорѓиевски. Тој додаде дека ваквите средби се од голема важност за градот и дека носат нова енергија, идеи и партнерства кои можат да го придвижат Скопје напред.
Пат кон современо и европско Скопје
Градоначалникот нагласи дека со заедничката соработка со ЕУ ќе се интензивираат координираните активности, со цел создавање на современо, отворено и европско Скопје.
„Убеден сум дека преку координирани активности ќе создадеме современо, отворено и европско Скопје, какво што заслужуваат скопјани“, подвлече Орце Ѓорѓиевски.
Средбата, според градоначалникот, го поставува темелот за идни проекти и партнерства кои ќе придонесат за развојот на инфраструктурата, образованието и економските можности во главниот град.
